Договор за соработка помеѓу Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија и Институтот на овластени ревизори на Република Македонија
19-10-2017
На 18 октомври 2017 година, Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија (ИСОС) и Институтот на овластени ревизори на Република Македонија (ИОРРМ) потпишаа Договор за соработка, со кој што оквирно ги утврдуваат заедничките активности поврзани со сметководствената и ревизиската професија, со цел развој на двете професии и заеднички интерес на своите членови.
Договорот предвидува соработка во неколку области: соработка меѓу двата институти во преведување на релевантните меѓународни стандарди и Кодексот за етика на професионални сметководители на IFAC; соработка во приближување на сметководствените и ревизиските информации со практични решенија; размена на информации и искуства при организација на проверка на знаењето од областа на законската регулатива во Република Македонија и меѓународните стандарди кои што се релевантни за двете професии; унапредување на меѓусебните односи и соработка на подрачјето на едукативните програми, конференции, обуки; соработка на заеднички проекти, стручни публикации и прирачници.
Во рамките на оваа соработка, Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија се обврзува на своите членови да им ги признае часовите за Континуирано професионално усовршување (КПУ) остварени со присуство на настаните за КПУ организирани од страна на Институтот на овластени ревизори на Република Македонија за своите членови (овластени ревизори), за што ИОРРМ издава соодветна потврда.
Договор го потпишаа претседателката на ИСОС, м-р Ленче Папазовска и претседателот на ИОРРМ, Борислав Атанасовски, а на свечениот настан присуствуваа и Орхан Рамадани, член на Управниот одбор на ИСОС, Драган Митковски, претседавач на Собранието на ИСОС, како и Љубе Ѓорѓиевски, Драган Димитров, Крсто Несторов и Стојан Јорданов, членови на Управен одбор на ИОРРМ.

